Type to search


Патувања

Љубојно и Брајчино: Пример за селски туризам

Share


Кога човек ќе посака да си ги смири умот и душата, некаде понастрана од градската врева, во некое убаво селце, а притоа и да биде угостен со сите нишани, невозможно е, а да не помисли на Љубојно и на Брајчино.

Преспанскиот крај како отсекогаш да бил предодреден за уживање и за отворање на сите сетила. Токму онака како што и сами си кажуваат тамошните жители: „Кога Бог дарувал убавини, овде не штедел.“ Само два-три километри оддалечени од Преспанско Езеро, овие две села, со својата архитектура, како и со нескротливата природа, се идеално место за сечија хедонистичка душа.


Сопружниците Елида и Славе Станковски живеат во Љубојно и се вистински домаќини, во секоја смисла на зборот. Уште кога ќе влезете во нивниот двор, ќе бидете воодушевени. Рибник, цвеќиња, рачно правени дрвени маси и столчиња, носии… сè во духот на традицијата. Нивниот дом, наречен „Стара чешма“, е единственото место во околината каде што можете домаќински да се нагостите. Голем дел од производите се 100 проценти природни оти тие самите си ги си произведуваат – мед, компири, домати… Ако сте мераклија на риба, несомнено сте го погодиле местото. Славе ќе ве повика до рибникот и ќе ви рече: „Ајде, одбери си, која сакаш да ти ја фатам.“


Па ќе си ги оближувате усните додека лакомо јадете од тазе печената пастрмка, пиперчињата со лук и свежата салата.

„Живеевме во Скопје, Славе работеше како шофер, ама го отпуштија од работа. Јас имав продавничка, ама ми се запали, изгоре. Видовме-не видовме, пред неколку години дојдовме тука, оти од тука потекнувам. Вложивме сѐ што имавме за да го направиме ова. И уште не е направено, секој ден доработуваме уште по нешто. Редовно одиме на курсеви и семинари за развој на селскиот алтернативен туризам, не ни е случајно наместено вака. Ни советуваа да не ставаме ни телевизори во собите за да биде поавтентично. И имале право, голем број од гостите не сакаат врева, ни велат дека се тука за да си го одморат мозокот“, ни објаснува Елида.


А гости имаат постојано, независно кое годишно време е, или пак, која доба од денот е.

„Кој си е мераклија стално си доаѓа. Ама, сепак, туристи имаме најмногу од јуни до септември. Покрај нашите, гости ни доаѓаат и од Германија, Италија, Холандија, Чешка, Полска, Турција, Англија. Остануваат по неколку дена. Не излегол незадоволен гостин одовде. Кој еднаш дошол тука, секогаш се враќа“, вели Елида, која всушност е единствената жена од регионот што се занимава со оваа работа.

Сместувањето во „Стара чешма“ ќе ве чини само 500 денари, а она што ќе го добиете за возврат е непроценливо.

Со домашна пита, која утрото ја правела, и парче сирење, домаќинката нè испраќа.



Се упатуваме кон Брајчино, кое е на само неколку минути возење од Љубојно. За разлика од првото село, таму нема ниту кафеанче, ниту ресторанче, ама затоа, пак, има повеќе семејства што издаваат соби за сместување. Манастирот „Св. Петка“ исто така е приспособен за туристи, па така во него има дваесетина легла.


А селцето веднаш ќе ве плени. Мовчиња под кои тече бистрата вода на Брајчинска Река, автентични камени фасади, секој двор убаво уреден.

Всушност, она што денес се случува во Брајчино е резултат на проектот за развој на еколошки туризам, реализиран со швајцарска донација и помош. Ова преспанско село во 2003 година беше избрано како најповолно место за ваков вид туризам од сите потпелистерски села.

„Ни даваа и часови за алтернативен туризам. Жените беа обучувани како да прават традиционални јадења. Се обележуваа патеките. Во 2008-2009 година во секоја куќа имаше околу 300 ноќевања. Сега е поинаку. Ние сакаме да работиме, ама вака сме оставени сами на себе. Ни треба каков било стимул“, раскажува Сашо Костовски, кој е еден од малкуте во Брајчино што издаваат соби за туристи.

Според него, она што му недостига на селото се повеќе легла, како и угостителски објекти.

„Сакаме да направиме уште една велосипедска патека до Пелистер, да ги обележиме пешачките патеки, ама сето тоа со наши средства“, додава Сашо.

Можеби едно од највпечатливите нешта што ги забележавме е сложноста на тамошните жители. Сѐ што прават, си прават сами, со договор. И градат, и чистат, и готват…

Пред заминување од овој убав крај, нè почестија со кафе пред локалната продавничка. Заминуваме задоволни од она што го видовме, со мислата дека таму сигурно ќе се вратиме.


Извор: mkd.mk



Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *