Type to search


Патувања

Неколку причини за да го посетите бисерот на мијачкиот регион, Галичник

Share


Ако скршнете од патот накај Маврово, на 15км нагоре по кривините или околку 120км од Скопје, ќе стигнете во едно од најпознатите места во Македонија, Галичник. Ова е место за кое со исконска сила се врзани сите кои се родени или водат потекло од Галичник, горди на своите корени, на неповторливите питоми и сурови убавини, митската сила, мудроста, достоинството и спокојството. Галичник кој се наоѓа на надморска височина од 1.150м до 1.450м, е прекрасен во сите годишни времиња, а ги фасцинира посетителите и со својата автентична архитектура, богато културно наследство и восхитувачки пејсажи. Поради надморската височина и местоположбата, воздухот во Галичник е извонредно чист, а климата е планинска како по книга, со свежи пријатни лета и прилично снежни зими.

Ова е место ве пленува и во зима, и во лето, поради чудесната хармонија меѓу Мавровско езеро и околните планини.

На патот кон селото, се наоѓа ергела која ја води храбро, способно момче кое решило да го замени врелиот скопски асфалт со недопрената природа на Галичник. По татко Галичанец, тој започнал да го крои локалниот туризам со една несекојдневна понуда – да се помине Бистра на коњ!


Ако сте расположени за прошетки, одминете го малиот извор на ледена вода што извира под селото Галичник и на неколку километри поминати по шумски врвици, ќе наидете на црквичката света Петка.

Прекрасниот ден нека ве води низ планината Бистра со нејзините пространи пасишта. Откријте го понорот Тони Вода, карсно поле, каде водата на лето пресушува. Во негова близина се наоѓаат традиционалните бачила со најквалитетно сирење и кашкавал и студена планинска вода. На патот кон бачилата сигурно ќе запознаете некој овчар кој ќе ве понуди и нагости со домашно лепче, кисело млеко и домашно сиренце.

Бидејќи сите убавини на Галичник нема да можете да ги разгледате за само два дена, желбата за повторно враќање не ја потиснувајте. Кога и да имате шанса уживајте во недопрените убавини на ова селце кое денес има само неколку постојани жители, кои со задоволство ќе ви ја раскажат галичката историја и традиција.




Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *