Type to search


Патувања

Убавините на Македонија кои чекаат да бидат посетени

Share


Сте помислиле ли некогаш колку е убава нашата Македонија, подалеку од Скопје, Охрид, Маврово и Попова Шапка? Сте помислиле ли дека на секоја точка на мапата на оваа наша мала земја се кријат убавини, убавини за кои многумина од нас се’ уште не слушнале? Од север до југ, од исток до запад, ќе ве одведеме на едно мало патување низ Македонија каква што не ја познавате!

Смоларски водопади


На подножјето на планината Беласица, скриено од допир на сообраќајот, метежот и нечистотијата, на 650 метри надморска височина, до кои ве делат околу триста скалила и илјадници чекори, се наоѓаат прекрасните Смоларски водопади. Некогаш населеното село Смоларе сега е само споменик кој ја дополнува природната убавина. Патот нагоре е напорен, вистина, но ако бидете упорни на врвот ве очекува вистинска оаза! Смоларските водопади, студени како мраз, се вистински бисер на Струмица и источните краеви на Македонија.





Зрзе

На падините на Даутица, на 34 километри северозападно од Прилеп, речиси на 1000 метри надморска височина, се наоѓа селото Зрзе. Зрзе, освен со „тишината во која може да се слушне и сето постоење на светот“, се наоѓа манастирот „Свето Преображение“, кој порано меѓу народот бил познат и како „Овчарска црква“. Освен со манастирот кој најверојатно постои уште од 8-ми век, Зрзе може да се пофали и со најверојатно најубавата глетка во целата Македонија.


Брајчино


Брајчино, или рајот на Преспа, е место каде што може да побегнете од динамиката на градот, сообраќајот и звуците на секојдневниот замор. Брајчино, на Балтан Планина, низ кое тече и реката Балтан, е село во кое ќе најдете само хармонија, зеленило, и секако – одлична кујна! Бескрајно чисто, одлично организирано, иако нема многу население, Брајчино е одлично да ве одмори и да ги исполни сите ваши сетила. Звуците на реката Балтан, мирисот на прекрасните планински билки и секако – вкусот на локалниот специјалитет, сушена белвица која се вика циронка.


Куклица

Селото Куклица во Кратовско е само уште еден доказ дека Македонија е преполна со мистерии, чуда и неоткриени приказни. „Скаменетите свадбари“ кои сведочат за преданието за гневот на девојката која била заљубена во младоженецот, па фрлила клетва која ги скаменила сватовите, денес се вистинска атракција за заљубениците во леенди и преданија. Овој геолошки резерват е еден од трите такви во целиот свет. Останатите два се наоѓаат на Лезбос и во Камниц.

Јанче

Селото Јанче, како отфрлено, на средината помеѓу Дебар и Маврово, е како рај на Земјата, скриен од секојдневниот метеж. Селото, кое се карактеризира со традиционална мијачка архитектура, го привлекува вниманието на туристите откога е отворен хотел-ресторанот Туто. Овде, освен што можете да пробате традиционална македонска кујна од овој крај, можете и да уживате во мирот и спокојот, крај ладовината на реката Радика. Дури и можете да ја посетите Питијадата, која се одржува еднаш годишно, во месец јули.




Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *